dfest2016-640x360

Уште точно 100 дена до Д Фестивал

Дојран, 6. април 2016 (ОХРИДПРЕС) – Позитивните впечатоци од последното издание на Д Фестивал повторно го добиваат својот интензитет како што се приближува времето за новото, шесто издание на единствениот open-air музички фестивал кај нас.

За точно 100 дена од денес, Д Фестивал повторно ќе се одржува со тридневна програма, од 15-ти до 17-ти јули во Дојран.

И оваа година, Д Фестивал повторнo ги поставува своите шатори на дојранското крајбрежје и на своите посетители им нуди многу повеќе од само атрактивна музичка програма, овозможувајќи им воедно да уживаат и бидат дел од уникатната атмосфера, создавајќи едно несекојдневно искуство кое ги брише сите изговори за поделба и нетрпеливост.

Јубилејниот петти Д Фестивал беше најголемо, најпосетено и најнезаборавното издание досега.

Во наредните 100 дена, јавно ќе бидат презентирани гостите и пријателите на фестивалот кои ќе се погрижат за уникатните забавни и културни активности и уште 100-на други интересни содржини наменети за посетителите и фановите.

– Во оваа заедничка мисија ги повикуваме сите уметници, дизајнери, креативни работници, културни здруженија и асоцијации, музичари, активисти, волонтери и добронамерници да земат активно учество во содржините на Д ФЕСТИВАЛ 2016. Сите кои имаат свој предлог, идеја, проект или веќе изработено дело, кои можат да придонесат ова уникатно фестивалско здружување за сите нас да биде уште позабавно и поатрактивно, ги повикуваме да се пријават и приклучат во креирањето на различните програмско-продукциски сегменти на фестивалот: „Активен саем“, „Арт-плоштад“, музичка програма и волонтери, повикуваат организаторите.

Процесот на пријавување и приклучување кон овој повик е веќе во тек и отворен за сите. Најдоцна до 1 мај (недела) сите заинтересирани своите предлози и идеи можат да ги испратат на и-мејл info@password.mk (за: „Активен саем“, „Арт-плоштад“ и Волонтери) и shurbe@password.mk (за: Музичка програма). (Крај)