redzepselman1

Охридски олимпијци – Селман Реџеп: Државата да направи стратегија и да ги „навлече“ младите да спортуваат

Охрид, 30. мај 2016 (Супер радио) – Со „кралицата на спортовите“ се запознал во далечната 2001 година на тогашниот општински натпревар во скок во височина каде го освојува првото место. Прв неговиот талент го воочува професорот Влатко Димитров, за кој Селман се сеќава дека му кажал „дојди во АК Охрид и ќе те направам да скокаш над 2 метри“. Истата година успеа летвичката да ја подигне на тогаш неверојатни 195 сантиметри.

Реџеп Селман е вториот олимпиец од Охрид, веднаш по Александар Маленко. Роден е на 8-ми април 1986 година во Охрид. По образование е машинско-енергетски техничар, паралелно со звањето атлетски судија и тренер по атлетика. Во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за патот од охридскиот стадион до светлата на Олимпијадата во Пекинг, но и состојбите во спортот во Охрид и државата.

OhridPress: Колку време спортот беше начин на живот за Селман?

Селман: Со спорт, поточно со атлетика започнав да се занимавам во 2001 година, кога имав само 15 години на иницијатива на мојата тогашна наставничка по физичко Доминика Чауле. Таа ме пријави на општинскиот натпревар во дисциплината скок во височина каде го освоив првото место со скок од 1.60 см. Тогаш професорот Влатко Димитров го забележа мојот талент и ме покани да членувам во клубот АК „Охрид“ од Охрид. Ги паметам уште неговите зборови – „дечко дојди, јас ќе те направам да скокаш над 2 метри“. Јас го гледав со недоверба и реално не верував дека ќе бидам атлетичар затоа што многу сакав да играм кошарка кошарка,  но ете професорот го исполни ветувањето и уште таа година постигнав државен пионерски рекорд во скок од 1.95 см на Балканското првенство во Анкара, Турција, кое беше мојот прв меѓународен натпревар.

OhridPress: Кои се позабележиелните резултати кои ги имате постигнато?

Селман: Имам многу настапувано, но секако би ги издвоил државните рекорди кои и ден денес ги имам:

Скок во височина во категирии

– Пионери до 15 години – 1.95 см – 15.09.2001 Анкара
– Младинци до 19 години –  2.10 см – 05.07.2003 Пловдив
– Младинци до 17 години – 2.10 см – 05.07.2003 Пловдив
– Сениори – 2.10 см – 05.07.2003 Пловдив и
– Сениори – 2.05 см – 12.02.2005 Софија (во сала)

Трискок

– Младинци до 17 години – 14.47 см – 05.07.2003 Пловдив
– Сениори – 15,46 см – 22.06.2018 Банска Бистрица

redzepselman2OhridPress: Олимписките игри се врвот на кариерата за секој спортист. Сонот ти се оствари во 2009-та година во Пекинг. Како го доживеа целиот спектакл, како замина таму и кои импресии ги носиш?

Селман: Олимписките игри како спортски настан се сонот на секој спортист. Патот до таму е многу тежок и треба многу работа и труд да се вложи за да се успее. Има два начина за учество на ЛОИ – со постгнување на зададената норма на дисциплината во која учествуваш (тие норми ги прави ИААФ – Интернационалната Асоцијацина на Атлетски Федерации) или со „вајлд карда“, исто така рангирано по резултати, односно најдобриот резултат според табелата на ИААФ. Моето место за учество на ЛОИ го освоив со постигнувањето на мојот личен рекорд и со тоа станав број 1 според ИААФ табелата. Мојот резултат тогаш носеше приближно 1.000 бодови. Околу самиот настан во Пекинг, можам да кажам дека организацијата беше соврпена. Специјално беше изграден нов кварт, односно нов град за сите олимпијци и сето тоа беше максимално обезбедено. ПОминувавме повеќе контроли само за да влеземе внатре во комплексот. Она што ми остави посебен впечаток е фактот што сите бевме како едно –  немаше ѕвезди или ВИП личности. Секој со секого можеше да разговара и да се дружи. Бев во друштво со најголемите великани во спортот, како  Коби Брајант, Леброн Џејмс, Џејсон Кид, Асафа Пауел, Усеин Болт, Бланка Власич, Дирк Новицки, и многу други.

OhridPress: Си патувал многу. Кои се` земји си ги посетил?

Селман: Имам посетено многу земји. Можеби ќе заборавам некоја, но сум бил во Грција, Турција, Бугарија, Романија, Србија, Босна и Херцеговина, Словачка,  Унгарија,  Германија,  Франција,  Италија, Литванија, Белгија, Шпанија, Велика Британија, Малта, Кина…

OhridPress: Кога официјално ја заврши кариерата. Кои беа причините?

Селман: Официјално престанав после Олимписките игри во 2009 година. Причините се и секогаш ќе бидат политички, затоа што нашата држава нема стратегија да го развива спортот, нема таков стручен кадар во агенциите кој ќе застане зад најдобрите спортисти. Таа година се запишав на факултет во Скопје на ФФК (Факултет за физичка култура)  и имаше случаи кога јас требаше да им држам предавања на професорите, кои имаа знаења од времето на СССР и истото го ширеа, без да ја следат новата и понапредна техника и технологија, како и методите и начинот на работа и сл. Друга работа е што не бев финансиски моќен. Јас сепак не барав пари од државата, туку само побарав да бидам ослободен од аминистративните трошоци или да добијам сместување во Скопје додека студирам. За жал, каде и да тропнев, одговорот односно прашањето беше од која партија си? Зарем треба да бидам на некоја партија за да ја претставувам државава на Балканијада, на Европски игри, на Олимписки игри? Јас ја преставувам Македонија, а не партијата. Кај нас за жал така фунционират работите. Тогашната Агенција за млади и спорт делеше стипендии на млади спортисти од по 4.000 денари, а истите тие стипендисти ниту се појавуваа на тренинзи, ниту покажуваа некој натпредок во кариерата. Беа само штета на државата и буџетот. Затоа не би сакал повеќе на оваа тема, ќе кажам само дека се борев за Македонија, постигнував резултати, освојував медали и рушев рекорди за да на крај да ме прашаат „од која партија си“?

redzepselmanOhridPress: Дали барем градот достојно ти се оддолжи. Доби ли некоја награда или?

Селман: Реално не можам да се пожалам од градот и локалната власт, тогаш беше градоначалник Александар Петрески. Кога и да тропнев за помош, тој секогаш ќе најдеше прилика да ми помогне. Значи не од партиски интереси, туку од тоа што бев како најдобар спортист. Морам да кажам дека ми има од џеб давано пари за да уплатам семестар на факултет и превоз ми има одобрувано да патувам за Скопје повеќе пати. Ми вети и работа после факултетот, но веќе кажав што се случи со него.

OhridPress: Како ги оценуваш состојбите во македонскиот спорт во моментов?

Селман: Политика политика и политика… Нема стручен кадар, не може некој со Економски или со градежен факултет да биде министер за спорт. Тој не се разбира од спорт. Има луѓе во Федерациите кои прават многу зло и ја користат фукцијата да шетаат по светот. Овие денешни услови се за 100 % понапредни за разлика од моето време и треба да се искористат истите. Охрид има прекрасни услови за тренинг кампови и ако се успее тоа да се поврзи со туризмот, градот ќе добие гости и на зима и на лето. Очигледно е дека треба да си слеп за да не гледаш што се случува во државава. Дури и слепиот ќе разбере дека имаме лоша стратегија и лош кадар, партиски вработувања без да имаат искуство и знаење кои секогаш побрзо ќе го пуштет блискиот да се „шета“ од натпревар на натпревар, а за квалиеттните спортисти по правило нема место. Ќе Ви пренесам една случка од мојата кариера – патувавме за Катерини на Балканијада околу 50 лица од кои само 4 беа квалитетни. Јас бев единствениот што се врати со медал.

OhridPress: Има ли некое име во денешните атлетичари во Охрид кое може да постигне посериозни резултати?

Селман: Секогаш има. Проф. Влатко Димитров е одличен тренер и тој има „направено“ многу повеќе спортисти и пред мое време, а верувам дека и сега има некој таков. Сепак мислам дека ќе завршат како мене, затоа што истата приказна ја гледам уште од времето кога јас бев најактивен. Во моментов Славчо Мирчески е кандидат на ЛОИ во Рио. Тој е солиден спортист, но околината и условите го прават своето. Не може еден врвен спортист да тренира 5 часа, па потоа да оди на работа. Не може да е 12 часа и по цел ден на нозе врвен спортист. Така не се постигнуваат сериозни резултати. Треба да помогне и државата. Го зедов како пример Славчо, затоа што го знам уште како мало дете. Ми беше тренинг партнер, а јас кога се повлеков, тој почна да покажува солидни резултати. Има и државни рекорди постигнато и навистина не би сакал неговата кариера да заврши на начин на кој заврши мојата.

redzepselman3OhridPress: Што најмногу му недостасува на Охрид на спортски план?

Селман: Охрид има одлични услови, прекрасна клима и може да се развие и спортскиот туризам. Секој спортист посакува ваква околина како оваа што е кај нас. Треба родителите своите деца да ги форсираат да спортуваат. На училиште 90% од нив едвај го држат часот. Се сеќавам кога ќе дојдеше физичко едвај чекав да играм да трчам, а во денешно време не е така. На времето на стадион имаше големи редици за кошарка и тоа на сите 4 кошеви. Треба државата да направи стратегија и да ги „навлече“ младите да спортуваат, да направи повеќе натпревари, да ги стимулира со поголеми награди и да се вложува во најдобрите. Охрид има добар стручен кадар само треба да се вложува во нив и потоа тие „да произведат“ добри спортисти.

redzepselman4OhridPress: Нина Балабан заминува на ЛОИ во Рио. Имаш ли некој совет за неа?

Селман: Нина е одличен спортист и сакам само да и` посакам многу среќа, затоа што и среќата е важен фактор на вакви натпреварувања и секако најдобар можен успех. Да направи најмногу што може за себе, својот град и својата татковина.

OhridPress: Што работиш во моментов и кои се твоите планови за иднината?

Селман: Во моментов го работам тоа што го сакам. Се занимавам со музичка продукција и диџејство. Вработен сум во најслушаното локалното радио во Охрид – Супер Радио. Испраќам голема благодарност за тоа до уредникот Јане Стефанов, преку чија иницијатива јас сум во ова семејство, а секако имам голема благодарност и до Сашо Митаноски, кој до сега ми има многу помогнато. За во иднина не знам точно што ќе биде – оставам работата и врето да го сторат своето. Ова ми е нова кариера и посветен сум во музиката 24/7. Пред неколку недели потпишав договор со „Antraxx Records“ за издавање во продажба на моја песна која официјално ќе биде издадена на 01.07.2016 година на BeatPort. Не очекувам некоја заработувачка од тоа, но тоа ми значи многу затоа што не е лесно да издадеш своја трака на светскиот пазар. (Крај)

извор: Супер Радио фото: архива