И годинава Супер радио дел од музичкиот фестивал „МАРС“

Охрид, 30. мај 2016 (Супер радио) – Охридското Супер радио, како една од водечките радио станици во државата и оваа година ќе биде дел од новото издание на радискиот музички фестивал „МАРС“.

Денес во студиото на Супер радио гостуваше дел од тимот на фестивалот, каде се снимаа кадри за потребите на овој настан, кој годинава ќе се одржи по деветти пат во Скопје.

Антонио Димитриевски, проект-менаџер на фестивалот „МАРС“, за слушателите на Супер радио, ексклузивно откри дел од деталите за фестивалот кој ќе се одржи наесен.

– Мило ми е што Супер радио, како најслушано регионално радио и оваа година ќе биде дел од „МАРС“. Можам ексклузивно да откријам за Вашите слушатели дека и годинава ќе имаме две ексклузивни имиња. Во игра се Наташа Беквалац, Марија Шерифовиќ, Тропико бенд и Реља Поповиќ од Елитни одреди. Од овие имиња две ќе бидат сигурно дел од фестивалот, најавува Димитриевски.

Практично со завршувањето на секој фестивал, веднаш започнуваат подготовките за следниот. Се ревидира списокот на радио станици, а моментално екипата на фестивалот е на турнеја низ Македонија, во посета на медиумите.

– Она што во оваа фаза, крај на мај и почеток на јуни се работи, е потпишувањето на договорите со секоја од радио станиците, како дел од радискиот фестивал. И годинава имаме еден новитет, кој за разлика од сите останати години решивме да смениме и да го направиме малку Евровизиски, со тоа што годинава прогласувачите, или доделувачите на наградите, кои секоја година се дел од претставниците на регионалните, националните и локалните радио станици, како одиме по градовите и визуелно ги снимаме доделувачите на наградите. Телевизијата е трик и магија, така што да не сфати некој дека однапред ги прогласуваме победниците, напротив, сето тоа подоцна се решава со џингл, но однапред ги знаеме само доделувачите. Така секое радио има свој претставник во жири комисијата. Во последните денови кога ќе ги имаме имињата на наградените, телевизиски во вид на џингл ќе ги „залепиме“ на објавите на наградите, додава Димитриевски.

По турнејата низ градовите, подготовките ќе продолжат со преговорите со музичарите кои ќе треба да настапат на фестивалот, а кои се надвор од конкуренција за наградите, или пак, се музички имиња кои доаѓаат од странство. Од септември, пак, започнува прибирањето на листите од македонските радио станици со имињата на оние песни и изведувачи, за кои гласале нивните слушатели. (Крај)

извор: Супер радио фото: Супер радио