Светски ден на радиото – Супер радио останува водечки медиум во регионот
Written by admin on 29 June 2021
Охрид/Скопје, 13. февруари 2021 (Супер радио) – Под покровителство на УНЕСКО, денеска по десетти пат се прославува Светскиот ден на радиото, кое под мотото „Нов свет, ново радио“ го одбележува едновековното постоење.
Како што посочија од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, годинешните поттеми на прославата се клучните карактеристики на радиото еволуција, поврзаност и иновативност. Од таму посочуваат дека во изминатите сто години радиото успеа да се адаптира на ритамот на општествените и технолошките трансформации, но и на потребите на слушателите.
Охридското Супер радио минатата година наполна 28 години и останува препознатлив медиум по обработката на програмата, маркетинг сегментот, музиката, но и со комплетна забавна, информативна и спортска програма. Со просечен дневен досег од 6,3% и неделен од 12,5%, Супер радио и во четвртиот квартал на 2020 година останува водечка во својот регион и една од најпопуларните радио станици во Република Македонија. Супер радио е една од најстарите радио станици во државата и е на врвот на слушаноста од почетокот на објавувањето на официјалните рејтинзи на некогашниот Совет за радиодифузија на Република Македонија (сега АВМУ).
Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот. (Крај)
извор: Супер радио фото: Супер радио