Супер радио Охрид

За Нас

Нашата приказна започна во далечната 1992 година!

Повеќе од три децении силно и цврсто чекориме по улица „Охридска“ и остануваме мало парче слободна територија каде едни медиумски Спартанци не даваат да изгасне кандилцето на Охридизмот.

Продолжува заедничкото патување со најдобрите и најпребирливите слушатели на целиот свет со кои се дружиме повеќе од три децении. Какво само патување беше ова, со толку многу луѓе кои продефилираа низ радиото. На градот и државата им дадовме пред се’ луѓе со крената глава, чиста мисла, со став без страв, со искрени предлози за подобро утре на сите. Дадовме пратеници, директори, водители, новинари, портпароли… Дадовме се’ што имавме, а побаравме само шанса да работиме и да живееме и уживаме во овој, еден на светот град.

Наздравуваме за новите почетоци, новото време, новите медиуми и се’ она ново и возбудливо кое е пред нас. Останавме ненаметлив, но гласен и моќен дел од животот во градот. Виновни сме за одличната музика која ја учевме од најдобрите, за брзите и проверени информации – исто така, но и за сета позитивна енергија што ја споделувавме со вас – најдобрите слушатели на целиот свет. Вие сте повеќе од тоа, вие сте нашиот верен сопатник, пријател и гласот на народот и градот. Секој ден снимаме, фотографираме, промовираме, помагаме, не се жалиме, не бараме ништо од никого… Продолжуваме со истата љубов и страст кон радиото и со прошетката по улица „Охридска“.

Според сите анкети на АВМУ, Супер радио е убедливо најдобрата, најслушана и највлијателната локална радио станица во овој регион на Република Македонија. Потврда за успешната работа на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба во 2017 година за досегашната успешна работа и придонес за градот.

Од март 2026 година, Супер радио работи како интернет радио станица.

Ви благодариме!!!
Ваше Супер радио