
Охрид, 11. ноември 2026 (ОХРИДПРЕС) – Се сеќавате ли на институцијата видеотека, местата од каде изнајмувавме филмови на старите VHS касети, често снимани со камера директно од проекција на филмско платно, каде на дел од снимките можеше да се случи да стане некој во публиката и да го видите како шетка по екранот, кога едвај се слушаше звукот, кога се тресеше камерата…
Беа тоа едни убави времиња, кога видео рекордерите беа единствената можност да се сними или репродуцира некој видео материјал. Тогаш сите имавме по неколку видео касети насловени СПОТОВИ, некој филм, НАРОДНО, ЗАБАВНО и слично… Тие стари VHS касети сигурно се веќе по подруми или исфрлени, но емоциите што тие ни ги донесоа се бесценети и засекогаш остануваат дел од нашите сеќавања.
Во Охрид едно време имаше огромен број видеотеки, секое маало си имаше вакви места каде можеше да се изнајми некој филм. Заедно со читателите на OhridPress и Супер радио, ние се сетивме на „Казабланка“ на Љупчо Паунко и Ѓоко Симјаноски наспроти Полиција, видеотеката „Филип“ на Зоки на „Галичица“, „Холивуд“ до „Слобода“, ZZ Top, SM во ТЦ „Амам“, „Орко“ во Варош, „Алф“ од тетка Трајанка во Турска чаршија, наспрот „Џексон“, во „Скалеста зграда“ до „Интерспорт“, „Владо“ во близина на маркет „Бозо“, „Лукан“ до денешна пицерија „Леонардо“, на „MX“ со Зоки и Јулијан, на „Панта“ во истата зграда позaди „Мини Маркет“, но од другата страна, кон плоштадчето, на „Кукузел“ на улица „Самоилова“, „Чале“ во Пештани, „ВИР“ во Влашка Маала…
Ако се сеќавате на вашите, допишете ги во коментар и ќе ги додадеме во текстот. Пратете ни и некоја стара слика ако имате…
Денес, кога секој филм ни е достапен со еден клик на екранот во ултра висока резолуција, како да ни недостигаат овие времиња, кога сликата на телевизорот мрдаше, кога боите се разлеваа, кога се местеше антената на покривот, кога лентата знаеше да се заглави во плеерот на половина филм. Тогаш како да имавме повеќе време едни за други, а една обична видео касета со филм со катастрофална снимка можеше да ни го направи денот незаборавен.
Зошто не беше за филмот или квалитетот, туку беше за дружбата, насмевките и убаво поминатото време со најблиските и пријателите.
Институцијата видеотека сосема заслужено дел од „Охридската лектира“ и топ сеќавање од минатото на Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес